Користење на велосипеди, електрични автомобили, поставување на вертикални градини, обновливи извори на енергија наместо фосилни горива, одбивање употреба на пластика, системи за рециклирање и заштеда на ресурси и многу други решенија се дискутираа на 10 дневната младинска размена „Разбуди се – Преземи акција“. Меѓународната младинска размена се одржа во Маврово од 4ти до 13ти април на која учествуваа 44 млади од Македонија, Норвешка, Германија, Хрватска, Грција, Шпанија и Велика Британија.

“1 час енергија од сонцето може да ги задоволи потребите на човекот за 1 година„ – истакна професорот Илија Насов, на предавањето одржано како дел од саемот за зелени работни места, одржан во Кичево на 12-ти април. „Модерната човечка цивилизација може целосно да се напојува од соларната енергија, доколку се искористи на правилен начин. Слабата законска регулација и недостаток на свест, како и поддршката на фосилните горива, се причините за неискористениот потенцијал на соларната енергија“.



„Според Европската Комисија. над 5 милиони работни места ќе се отворат во секторот обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност до 2020 година, а заштедата на ресурси и циркуларната економија ќе бидат во сржта на транзицијата. Образовниот систем мора да се прилагоди на новите побравуања на пазарот на труд, а младите треба да се свесни за знаењето и вештините кои треба да ги развиваат за да се вклучат во овој процес “ – изјави Антонио Јовановски, член на управен одбор на еколошката организација Гоу Грин, која беше главен организатор на проектот.



Целта на проектот беше младите да дознаат повеќе за климатските промени и последиците, како и да споделуваат искуства за намалување на јаглеродниот диоксид од сите земји учеснички. Активности на проектот беа дебати, работилници, акција за чистење на отпадот, саем за зелени работни места, посета на соларна фарма и разговори со локалното население за последиците од климатските промени врз нивното секојдневие.

Share/Save/Bookmark

Tuesday, April 19 2016